Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија

Македонската радио телевизија (МРТВ) го одбра Васил Гарванлиев за национален претставник на 65. издание на Евровизија во Ротердам, Холандија, што ќе се одржува од 12 до 16 мај.

Триесет и петгодишниот Гарванлиев, кој е дипломиран оперски пејач, стекна слава пред 28 години, кога на фестивалот Златно славејче ја изведе „Марионка“, една од најпопуларните детски песни.

Гарванлиев лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, која се пласираше на седмото место и го оствари најголемиот успех на земјава на Евровизија досега.

„Откога паметам за себе, музиката е сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгогодишно искуство на меѓународна сцена, свесен сум за предизвикот и за одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден, секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов за тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш!“, напиша Гарванлиев на Фејсбук.

Во интервјуто за МРТВ, тој рече дека од ланското искуство смета оти тимот е најважен и дека ќе следи работа на песната со која ќе настапи во Ротердам.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*