Мартин Стојаноски за “Естрада плус” раскажува за почетоците во музиката

Прилепчанецот Мартин Стојаноски во интервју за ИН ТВ раскажува кога запловил во музичките води. Деновиве тој ја промовираше првата песна, “Дај вино брате”, а за периодот кој следи најавува уште една авторска песна.

Мартин Стојаноски пред само неколку денови ја промовираше неговата прва песна која носи наслов “Дај вино брате”. При неодамнешното гостување во ИН Продукција, тој накратко ни раскажа за почетоците во музичките води. Како што вели, со пеење започнал уште на дванаесет годишна возраст, но професионално се занимава веќе три години.

-Активно се занимавам три години, иначе од мал ја негувам музиката, но активно три години работам. Од мали нозе, почнав во музичко училиште, па после се надоградував. Од дванаесет години започнав, талентот не е наследен, во мојата фамилија само јас сум музикален.-открива Стојаноски во интервјуто за ИН ТВ.

Освен тоа што пее, Мартин умее да свири и клавијатура, но вели дека во моментов повеќе се посветува на пеењето како негова најголема љубов.

-Свирам на клавијатура, но сега сум посветен на пеењето и така ќе остане и понатаму, но сепак инструментот не го запоставувам. Сега само пеење.-вели тој.

“Дај вино брате”  ја претстави во студиото на ИН продукција, а комплетен автор на песната е Гоце Костоски Пејак.

-Песната носи наслов Дај вино брате, тоа е мојата прва авторска песна па би сакал да ги кажам и авторите. Гоце Костоски Пејак е автор на целата песна, дувачките инструменти ги свири Кире Мената од Прилеп, а снимена е кај Славко. Мислам дека испадна добро, песната е навистина убава. Во брз ритам е, весела песна токму за подгревање на Предновогодишната атмосфера. Искрено се надевам дека ќе биде добро прифатена кај јавноста.-додава пејачот, за естрадниот магазин Естрада плус.

Инаку, Мартин во моментов подготвува уште една песна која што се очекува да ја промовира во најскоро време.

Во продолжение погледнете го видеото !

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*