Никола Љушкоски го сними неговото првенче

Никола Љушкоски сними спот за печалбарската песна “Роден крај”. Спотот се снимаше во Куратица и Речица, во соработка со ИН Продукција.

Охриѓанецот Никола Љушкоски деновиве во соработка со ИН продукција сними спот за неговата најнова песна со печалбарска тематика која е насловена “Роден крај”. Снимањето се одвиваше на неколку локации во околината на Охрид, дел во едно од најубавите села, живописното Куратица, а дел и во Речица.

-Снимањето се одвиваше во најдобар ред, поминавме прекрасно, па ќе го видиме крајниот производ кога ќе излезе спотот. Самото име на песната Роден крај, кажува дека се снимаше во мојот роден крај, селото Куратица и сакавме да го испочитуваме уште еден близок пријател, затоа дел од снимањето се одвиваше и во селото Речица. Во видеото се појавуваат и двајца мои роднини и пријатели кои се дојдени од туѓина.-истакна Никола, во интервјуто за ИН ТВ.

Со оглед на тоа што станува збор за печалбарска песна, неговите очекувања се дека ќе биде добро прифатена од јавноста, но ќе остави на времето да го покаже своето.

-Очекувањата се пред се, да бидат задоволни гледачите и понатаму самото време ќе покаже како ќе биде прифатена. Инаку, на музиката сум автор јас, текстот е на Здравко Кузески, а аранжман на Сашо Ливрински. Песната е снимена во студиото на Љупчо Соколовски-Бубе во Скопје.-открива тој, за естрадниот магазин Естрада плус.

Инаку, Љушкоски е добропознат на јавноста по бројните настапи кои што ги има во Охридско-Струшкиот регион, а најчесто на семејните прослави. За дочекот на Најлудата ноќ тој ќе ги забавува гостите во ресторанот Билјанини извори во Охрид.

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*