Милован Секулоски одржа официјална промоција на првиот спот и првиот албум

Во хотелот Нова Ривиера во Охрид се одржа официјалната промоција на првиот спот и првиот албум од Милован Секулоски. И спотот и албумот се насловени “Еј песно наша”.

Во прекрасна атмосфера, пред неговите пријатели, роднини, колеги и музички соработници во хотелот Нова Ривиера, охриѓанецот Милован Секулоски одржа официјална промоција на неговиот прв спот за “Еј песно наша”, кој е во соработка со ИН Продукција. Тој воедно пред присутните гости го промовираше и првиот солистички албум, на кој што има десет песни и е насловен како водечката песна “Еј песно наша”.

-Јас на почетокот искрено имав многу трема, тоа го кажав и во самиот говор, но како поминува времето се повеќе и повеќе се ослободував и се осеќам прекрасно навистина. Тука се моите пријатели, другари со кои се дружиме долго време, а не поврзува музиката. Има доста автори, колеги, дојдени од Охрид и од други градови од Македонија. Добри реакции имаше од сите гости, а лично мене ми се допадна многу затоа што јас едноставно ја работам таа работа. Спотот е одличен, крајниот резултат е баш онака како што и замислував дека треба да изгледа. Додека го чекавме официјалниот дел од промоцијата во позадина течеа песните од албумот. Дел од песните се познати на јавноста, а дел се за првпат промовирани вечерва. Се надевам дека ќе биде прифатено од страна на публиката, ќе биде слушао и барем една до две песни од овој албум ќе си најде место кај публиката и слушателите.-истакна Милован, во интервјуто за ИН ТВ.

Меѓу присутните гости беше и познатиот текстописец Борче Нечовски, кој што на Милован му посака среќа и уште многу хитови во иднина.

-Јас не сум објективен кога се работи за Милован бидејќи тој пред се ми е добар пријател и јас сум негов фан уште од неговите почетоци. Редок глас можам да кажам, според мене после Наум Петрески има два гласа кои мене ме возбудуваат како автор, а и како слушател, тоа се Милован и Менде. Денес сме кај Милован, му посакувам среќа, му посакувам убави песни. Многу убава песна си направил, убав спот заедно со ИН Продукција. Ви пожелувам добра соработка со него и заедно да продолжиме да слушаме македонска народна песна.-вели Нечовски.

Легендата на македонска песна, Наум Петрески во интервјуто за ИН ТВ истакна дека многу го почитува Милован како пејач и дека секогаш ќе му ја пружи неговата поддршка.

-Милован ми е еден од моите почитувачи, па уште одамна го следам и секогаш ќе бидам тука за него. Одлични се и песните од неговиот албум, се е како што треба и мислам дека Милован ќе биде уште многу плоден пејач и ќе остане во аналите на македонската историја.-изјави Наум, во интервјуто.

Спотот за “Еј песно наша” беше промовиран на сателитската ИН ТВ, а веќе може да го  најдете и на јутјуб каналот.

 

 

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*