ТАНЕЦ со гордост се враќа од Австралиската турнеја

ТАНЕЦ со гордост и бројни импресии се враќа од Австралиската турнеја. Нивната мисија за претставување на македонскиот фолклор во Австралија е успешно завршена.

Како и претходните два концерти на ТАНЕЦ кој што ги одржаа во Мелбурн и Канбера, така и нивниот концерт во Сиднеј заврши со громогласни аплаузи и овации од публиката која ја исполни големата сала на Центарот за забава “Сатерлен” ( The Sutherland Entertainment Centre ) до последното место.

Овој престижен простор кој важи за еден од најпознатите во јужната сиднејска област Шаер, беше претесен да ги собере сите љубители на македонскиот фолклор и да ги издржи сите вресоци на воодушевување од уметноста на ТАНЕЦ.

На крајот од концертот, Сузана Спасовска заедно со пејачката група на ТАНЕЦ ја отпеја “Земјо Македонска”, со што ја кренаа целата публика на нозе.

-Знаејќи ги долги години, сакам да ги гледам се посплотени. Овојпат ми изгледаше дека е така. И концертот во Мелбурн беше волшебен, јас така го нареков. Истотака и овде и во Канбера, македонците беа сите на нога и дефинитивно македонците си ја сакаат својата песна и орото, но мислам дека музички треба да бидеме повеќе застапени за да допреме до срцата на сите наши македонци и дефинитивно си ја сакаат Македонија, сигурна сум во тоа.-изјави Спасовска, во интервјуто за ИН ТВ во Сиднеј.

-И во Мелбурн поминавме исто како и во Сиднеј, во големи сали кои беа преполни со публика. Многу сила ни даде и публиката која беше прекрасна, го поздрави ТАНЕЦ онака како што треба. Секогаш ќе бидеме и ние уште помотивирани да даваме уште подобри концерти и да ја донесеме Македонија тука на овој континент.-вели маестро Милан Завков.

-Кога ќе се навратам од првиот ден во Австралија, до првиот концерт во Мелбурн и вториот во Канбера, можам да кажам полни очи, полна душа, полно срце. Уште еднаш се покажа дека македонскиот фолклор секогаш може да не обедини, дека нашите македонци тука не го оставаат ТАНЕЦ, а истотака и ние со тоа што дојдовме, покажавме дека сме тука само за нив.-истакна Мартин Вучиќ, директорот на НУ ТАНЕЦ.

Со ова, на најубав можен начин беше заокружена Австралиската турнеја и воедно овогодишното меѓународно претставување на ТАНЕЦ во неговата јубилејна година.

ГОЛЕМО БРАВО за уметниците на ТАНЕЦ, но и за верната македонска и странска публика во далечната Австралија. Мисијата за врвно претставување надвор од нашите граници уште еднаш е успешно исполнета.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*