Во Швајцарија се сними спот за печалбарска песна од Влатко Миладиноски

На повеќе локации во Швајцарија се сними новиот спот од Влатко Миладиноски за песната “Се вратив сине”. Станува збор за доста емотивна песна со печалбарска тематика, посветена на македонците кои живеат надвор од границите на Македонија.

Влатко Миладиноски викендов престојуваше во Швајцарија, каде што го сними неговиот најнов спот за песната со печалбарска тематика која што е насловена “Се вратив сине”. Снимањето се одвиваше на доста интересни локации, во градовите Лозана и Морж, а во соработка со ИН Продукција.

-Супер поминавме, моментално сме во Лозана, Швајцарија. Снимивме некои кадри за мојата најнова песна Се вратив сине, со цел да го комплетираме спотот кој би требало да излезе во скоро време за таа песна. Заедно сме тука по повод Хуманитарната забава која што ја организираше “Пирок”, навистина прекрасна забава, па ете ја искористивме приликата и денес ова убаво време за да снимиме еден убав спот на повеќе локации низ Швајцарија.-истакна Миладиноски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Со оглед на тоа, што песната има доста емотивен текст и е посветена на сите македонци кои живеат далеку од родната Македонија, Влатко се надева дека многу нашинци ќе се пронајдат во песната.

-Доста емотивен текст има песната, приказна за многу македонци кои што живеат насекаде по светот. Се надевам дека со спотот ќе се оформи таа цела приказна да можат и физуелно и преку аудио да ја слушнат и верувам дека многу луѓе ќе се пронајдат во таа приказна што јас ја имам отпеано.-додава тој за гледачите на ИН ТВ.

Инаку, песната “Се вратив сине” е сместена на третиот студиски албум на Влатко. Музиката и аранжманот се дело на неговиот брат Златко Миладиноски, а текстот е на Драган Матески.

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*