Над 2500 македонци беа дел од големиот хуманитарен концерт во Швајцарија

Рекордна посетеност од над 2500 македонци на големиот хуманитарен концерт кој се одржа викендов во Швајцарија. Нашите музички ѕвезди од кои Сузана Гавазова, Влатко Миладиноски, Антонија Гиговска, Дамјан Стојаноски, Кико и Болеро, Ален Хасановиќ, на нашите македонци им приредија незаборавна забава која уште долго ќе се памети. Главни виновници за забавата се Македонското друштво “Пирок”, кои прославија 19 години постоење. Интересно е тоа што специјално за македонската забава, допатуваа македонци кои живеат Германија, Франција, Италија, Словенија, Луксембург и Белгија.

“Со песна до хуманоста” гласеше слоганот под кој се одржа големата хуманитарна забава во Швајцарија, организирана од Македонското друштво “Пирок” кој воедно го прославија 19-тиот роденден.

Оваа роденденска забава на “Пирок” се одржува секоја година, но годинава се срушија сите рекорди бидејќи имаше над 2500 македонци и тоа не само од Швајцарија, туку и македонци кои живеат во Италија, Словенија, Германија, Франција, Луксембург и Белгија, допатуваа специјално за да ги видат нашите музички ѕвезди, да се забавуваат со македонска музика, а воедно и да бидат хумани.

На забавата настапија Влатко Миладиноски, Дамјан Стојаноски, Кико и група Болеро, Сузана Гавазова, Антонија Гиговска, Ален Хасановиќ, Јане Крстев, Орхан и Анил. Еве што истакнаа за гледачите на ИН ТВ дел од нив.

-Секако дека е прекрасно и многу ми е мило што настапуваме пред толку многу народ, а посебно ми е драго што забавата е со хуманитарен карактер и што ќе се помогне на наши болни деца. Презадоволен сум од организацијата, навистина е на ниво, една убава забава и се надевам дека сите убаво си поминаа. Јас си поминав одлично.-изјави Дамјан Стојаноски.

-Супер, одлично е, има многу народ и навистина срушивме рекорди тука. Очекував дека ќе има толку луѓе, бидејќи сите кои што настапија беа доста квалитетни и добро одбрани. Одличен тим и мислам дека немаше простор за грешка. Јас сум секогаш за вакви организации, поголеми и на повисоко ниво, со поголема бројка. Еве вечерва имаме околу 1500 карти, значи некаде околу 2500 гости, тоа е навистина сериозна бројка, меѓутоа многу е подобра атмосферата со таа бројка. Да не бидеме скромни со 100, 200 луѓе како што знаеме да бидеме.-вели Влатко Миладиноски, при интервјуто за ИН ТВ.

-Како што можете и вие да видете и сте сведоци на ова, ептен е луда забавата, топ забава. Јас ја отворив оваа вечер, заедно со група Болеро. Моментално момците одмораат бидејќи имаше шоу со тапани, сега има диџеј. После нас, Сузана Гавазова ја загреа атмосферата, па Дамјан и Влатко, Ферус, се беше прекрасно. Инаку, јас очекував да има до 1500 луѓе, а со тоа да се сруши и рекордот на оваа забава која се одржува секоја година, а ја организира Пирок, но излезе дека дојдоа многу повеќе. Значи скоро 3000 луѓе има на забавата. Македонците се навистина нација за фалење.-истакна Христијан Божинов-Кико.

-Одлично се чувствувам, прекрасна е атмосферата има навистина многу луѓе и чест и задоволство ми е што сум на овој настан затоа што друштвото Пирок слави роденден и почестена сум што и јас сум дел од оваа манифестација затоа што е и хуманитарна забава. Јас го скршив мразот и секогаш тој што настапува прв ги доживува најдобрите емоции од страна на публиката и навистина имав прекрасен настап, задоволна сум од настапот и од луѓето како се забавуваа заедно со мене. Инаку јас и минатата година бев тука во истата сала, имаше истотака многу луѓе и убаво си поминавме, но оваа година некако е многу повесело затоа што има многу пејачи од Македонија.-вели фолк дивата Сузана Гавазова.

На хуманитарната забава, дел од екипата беше и Антонија Гиговска, која воедно беше најмладата учесничка. За неа слободно можеме да кажеме дека е девојка со магичен глас, а интересно е тоа што нејзините фанови се качија на сцената, па имаа можност да играат и пеат заедно со неа.

-Убава е атмосферата и ми се допаѓа тоа што има многу млади луѓе и преполно беше видовте и самите, така да јас се чувствував навистина прекрасно. Искрено не мислев дека ќе има толку народ, но до некаде и знаев бидејќи народната музика многу се цени во Македонија и едноставно очекував, ама не очекував во толку голем број.  Јас сум за првпат во Швајцарија и немав видено толку млади македонци на едно место во друга држава, а не во Македонија и убаво се чувствував затоа што тие што дошле да ме гледаат и слушаат беа претежно помладите и стоа во првите редови, играа, пееја и ги знаеа на памет моите песни и многу ми е мило поради тоа. Затоа творам музика, ги имам нив како поддршка и горда сум на нив.-раскажува Антонија, во интервјуто за ИН ТВ.

-Драго ми е што сум тука вечерва со моите Македонци, уживаме, се веселиме, а во исто време сме и хумани. Секогаш кога сум слободен прифаќам да помогнам и да бидам од корист на некого со  мојата музика, моите песни. Вечерва е супер, дојдоа многу луѓе, се собраа многу средства. Искрено не очекував дека ќе има толку, вечерва има многу луѓе, тоа е чудо навистина и многу ми е драго. Јас и моите колеги сме задолжени за нивната забава и ќе ги поздравам организаторите бидејќи се е прекрасно вечерва.-вели Ален Хасановиќ.

Според последните и најнови информации, од картите и слатките се собрани вкупно 10 730 франци. За секое лице поединечно да добие по 1100 франци, остатокот од парите ќе ги донира друштвото “Пирок”.

Насобраните парични средства ќе се поделат на Михаела Петрова од Куклиш, Никола Новоселски од Муртино, Ирена танчева од Самоуилово, Томе Jанев од Струмица, Симона Хаџи тошева од Штип, Јане Николов од Зрновци, Лидија Ристевска од Битола, Михаил Митевски од Охрид, Огнен Стојков од Свети Николе и за Љупчо Бојановиќ од Звегор Делчевско.

-За да се организира оваа вечер е потребно многу храброст и многу ентузијазам кој го поседуваат сите овие момци околу нас и сите кои се позади и кои сеуште работат за да успее оваа вечер. Забавата ја подготвуваме веќе една година, а за изборот на нашите учесници сме виновни сите ние, благодарение на нашето раководство на чело со претседателот Никола Трендафилов, кој успешно не води сите овие 19 години. Ова ни е 19 годишнина, затоа е роденденска забава, а наредната година ќе славиме јубилеј од 20 години.-истакнаа од Македонското друштво “Пирок”.

Организаторите велат дека тука не запираат и дека ќе организираат уште многу вакви забави со кои што ќе можат да помогнат на многу наши македонци.

Инаку, медиумски покровител на настанот беше сателитската ИН ТВ, која присуствуваше со своја екипа на хуманитарната забава во Швајцарија.

 

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*