Стефан Ночевски со бројни ангажмани низ Австралија

Бројни настапи низ Австралија остварува младиот виртуоз на труба, Стефан Ночевски. Тој периодов настапува заедно со Благојче Стојановски Туше и е презадоволен од соработката со нашиот мега популарен пејач.

Стефан Ночевски важи за еден од подобрите трубачи во Австралија. Тој е доста ангажиран со настапи, а периодов настапува заедно со познатиот фолк пејач и еден од најбараните кај нашинците во Австралија, Благојче Стојановски Туше.

-Пред се, сакам да ги поздравам моите колеги, роднини и пријатели во Македонија и сакам да кажам дека сум презадоволен од одморот во Македонија, па планирам во иднина почесто да доаѓам. Моментално сум доста ангажиран и имам многу настапи низ Мелбурн и пошироко. Имам голем број свирки заедно со мојот драг колега Туше. Воодушевен сум од македонската дијаспора во Австралија и баш ме радува како младите ја негуваат македонската музика тука во Австралија. Се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина.

Инаку, би сакал да кажам дека имам и неколку проекти, настапувам по клубови и фестивали. За Нова Година ќе бидам во “Dolton House” во Сиднеј, заедно со Благојче Стојановски Туше, Гоце Петрески-Бананата и Ташко Каранфиловски.-изјави Ночевски за естрадниот магазин Естрада плус.

За следното негово доаѓање во Македонија, Стефан најавува снимање на нови инструментални ора, како и видео записи кои ќе ги работи ИН Продукција.

-Следната година планирам повторно да дојдам во Македонија и да снимам неколку ора кои моментално ги компонирам. Се разбира, ќе снимам и видеа во соработка со ИН Продукција.-додава тој.

Стефан е по потекло од Македонија, но живее и работи во Мелбурн, Австралија веќе осум години.

Пред извесно време во студиото на ИН Продукција тој претстави еден убав чочек кој е насловен “Зиг-Так”, а е снимен во музичко студио во Австралија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*