Ноќ за паметење : Свечено отворен елитниот ресторан “Вила Молика” во Битола

Вчеравечер, со пригодна свеченост беше отворен елитниот ресторан “Вила Молика” во Битола. Ресторанот е во сопственост на Анета Мицевска и нејзиниот сопруг Џими од група Молика. 

Во прекрасна атмосфера, со одлична музика, пред бројните, но одбрани гости свечено беше отворен ресторанот “Вила Молика” во Битола кој е во сопственост на една од најпознатите македонски пејачки, Анета Мицевска и нејзиниот сопруг Џими.

Како што ни открива Анета во интервјуто, идејата за отворање на еден ваков ресторан била на Џими, кој долги години размислувал околу тоа, па конечно решиле дека е вистинскиот момент да се отвори ресторанот, со што ќе се исполни и неговата најголема желба.

Анета најавува дека во периодот кој следува ќе се внесуваат доста новитети, но и дека ќе има пристапни цени.

-Идејата беше на Џими затоа што животна желба му беше да се отвори ресторан бидејќи сме нон стоп по ресторани и пораснавме по ресторани, така да ќе гледаме да биде нешто што го нема овде. Сеуште размислуваме какви новитети ќе вметнеме, нема да откриеме ништо засега, но ќе потенцирам дека цените ќе бидат доста прифатливи за секој џеб, така да ќе биде нешто феноменално.-истакна Анета, за гледачите на ИН ТВ.

На свеченото отворање покрај блиските пријатели, присуствуваа и нивни колеги од естрадата од кои Марјан Коцев, Татијана Стефановска, членовите на група Молика и Молика One. Еве што истакнаа за камерата на ИН ТВ, дел од нив.

-Одлично е се, јас го видов ресторанот кога уште не беше довршен, беше при крај. Навистина одлично е средено, атмосферата да биде секогаш вака и ќе биде супер што не се ни сомневам во тоа. Одличен објект за помали забави и им посакувам многу среќа тргнувајќи од овој ден, да си имаат здравје, среќа и многу успеси.-вели фолк пејачката Татијана Стефановска.

-Голема е честа да се биде гостин, тука сум заедно со мојата сопруга, уживаме, има многу пријатели и колеги. Убава е атмосферата, а ресторанот е на ниво. Низ овие години каде што имаме прошетано, Анета и Џими имаат украдено доста идеи, од секоја држава по малку. Така да, сега имаат направено една убава целина. Нека им е со среќа и со ресторанот, но и празникот Митровден.-истакна фолкерот Марјан Коцев.

-Пред се, да им честитам на Ане и на Џими, како и на Марио и Моника за отворениот ресторан, за преубавиот ресторан. Да им го честитам и празникот Митровден, за многу години на сите и да уживаме сите. Си поминувам прекрасно со моите колеги, нашите блиски пријатели.-вели нивниот колега од група Молика, Александар Карма.

За забавата беа задолжени извонредните Ѓоко Јовиќ и Енерџи бенд кои заедно со останатите пејачи направија оваа ноќ да биде за паметење. Се разбира дека забавата не можеше да помине без да запее и Анета, која што е позната по нејзиниот моќен глас.

-На почетокот имав трема затоа што Молика се едни од ајдобрите бендови во Македонија, а за Анета што да речам, нема што да се каже, знаат сите не само тука, туку и надвор од Македонија и Европа и цел свет, дека е една од најдобрите женски вокали. Веќе сум опуштен и чувствувам одлилно, да има некој апарат да ми измери јас сум на 100-ка ниво.-изјави Ѓоко Јовиќ, во интервјуто за ИН ТВ.

А на големо изненадување на сите гости, со негово присуство, но и со песна ги удостои и Влатко Лозаноски кој во моментов важи за пејач број 1 на музичката сцена.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*