“Александар цар Македонски” и “Покрај тебе да остариме” се двете нови песни на Павле Кајмакоски

“Александар цар Македонски” и “Покрај тебе да остариме” се насловите на двете најнови песни од Павле Кајмакоски. Една е патриотска, а другата со печалбарска тематика. Со огледн на тоа што станува збор за две убави македонски песни, Павле очекува да бидат доста слушани од јавноста.

Павле Кајмакоски, иако веќе подолг период живее и работи во Виена тој сеуште ја негува македонската песна. Краткиот престој во родната земја Македонија го искористи за снимање на нов материјал. Деновиве во студиото на ИН Продукција, тој промовираше две нови песни, а станува збор за една песна со печалбарска тематика која носи наслов “Покрај тебе да остариме” и уште една македонска патриотска песна насловена “Александар цар Македонски”.

-Едната е печалбарска песна, а втората е патриотска песна за Александар Македонски. Таа е напишана од многу одамна, пред пет-шест години и музиката е составена за тој текст, но ете дури сега испадна да ја снимам. Дали поради тоа што моменталната ситуација налагаше така или едноставно дојдов за да ги снимам тие две песни и да видам како ќе бидат прифатени од публиката.-открива Кајмакоски, во интервју за ИН ТВ.

Текстот за двете песни е напишан од страна на Павле, музиката за “Александар цар Македонски” е дело  на Николче Стојанчески, а Оливер Глигоров се погрижи за музиката на песната “Покрај тебе да остариме”.

-Не очекувам да станам преку ноќ ѕвезда, но сепак очекувам да бидат слушани од народот бидејќи не само дека ситуацијата налага на тоа, туку добри се македонските песни и било која македонска песна да ја слушаме е убава, посебно за нас кои што живееме надвор од Македонија.-додава тој.

Откако ќе се врати во Виена, продолжуваат неговите ангажмани, како што вели најчесто на приватни забави додавајќи дека во есенскиот и зимскиот период таму имаат доста работа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*