По 11 години “Танец” повторно ја носи Македонија кај нашите македонци во Австралија

Екипата на ИН ТВ беше на гости во “Танец”, кој претставува најголемиот амбасадор на македонскиот фолклор, традиција и култура ширум целиот свет. Тие не го криеја задоволството што после 11 години ќе имаат одлична можност да се дружат со македонците кои живеат во Австралија, бидејќи на 11 ноември заминуваат на голема турнеја во прекуокенската земја. 

Националната установа, Ансамбл за народни песни и игри на Македонија, “Танец” претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе седум децении и важи за најголемиот амбасадор на македонскиот фолклор ширум светот. После 11 години, на огромно задоволство на сите наши македонци, “Танец” заминува на голема турнеја во Австралија и ќе одржи неколку концерти низ повеќе градови. Како што вели Милан Завков, првото лице на Оркестарот, составот кој ќе патува за Австралија е веќе одбран, па со нетпрение ја очекуваат дружбата со нашинците кои живеат во оваа далечна земја.

-Да, ние веќе се подготвуваме и при крај се подготовките. Танец е секогаш подготвен за вакви убави и големи турнеи. Последен пат бевме во 2008-ма година, имавме успешна турнеја и одржавме повеќе концерти низ градовите каде што ги има нашите македонци. И ете после 11 години повторно Танец во Австралија. Ова беше подолг период и се надевам дека ќе има голем интерес бидејќи го презентираме она што е најубавото од Македонија, фолклорот, песната, играта и музиката.-истакна маестро Милан Завков кој воедно е раководител на Оркестарот на Танец.

Ќе одржат вкупно пет концерти од кои два во Мелбурн, еден во Канбера и уште два концерти во Сиднеј. На турнејата во Австралија, составот на Танец заминува на 11-ти ноември, а ќе останат до 27-ми истиот месец.

-За мене ќе биде трет или четврти пат заедно со Танец да патувам за Австралија. Чест ми е и задоволство особено како првенец да допринесам за нашите иселеници се осеќаат уште подобро, бидејќи ние го пренесуваме она вековното, односно исконското што е од Македонија.-вели Љупчо Маневски, првенец во Танец.

Задоволството што ќе биде дел од турнејата не го криеше ни извонредниот вокал Кирил Митоски, кој е дел од пејачкиот состав.

-Очекувам прекрасна забава и ете ќе ја искористам оваа прилика официјално да ги поканам нашинците, сите македонци кои што се вљубеници во македонската музика, култура и традиција да присуствуваат на нашите концерти. Имаме навистина богата и убава програма што вреди да се види, јавно ги поканувам и сигурен сум дека ќе уживаат. Јас неколку пати сум бил во Австралија, но како дел од Ансамблот сум за првпат.-изјави Митоски за гледачите на ИН ТВ.

“Танец” годинава со спектакуларен концерт одбележаа јубилеј од 70 години постоење.

Традицијата и фолклорот претставуваат најдобро чувана тајна која како свеќа не води во тунелот на времето, а македонскиот “Танец” без сомнение претставува подвижна енциклопедија на македонскиот народ.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*