„ЛЕШОЧКИОТ ФОЛК ФЕСТ 2019„ ТРАДИЦИОНАЛНО НА 27 АВГУСТ ВО ЛЕШОК

Во манастирскиот комплекс “Св. Атанасиј” и “Пресвета Богородица” во Лешок на 27 август, со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи новото издание на “Лешочкиот Фолк Фест 2019”. Реномирани и докажани македонски фолк интерпретатори и автори и годинава на публиката ќе и претстават нови песни во духот на македонската фолклорна традиција.

 

Фестивалот кој е од ревијален карактер традиционално и оваа година се одржува во соработка со Тетовско-гостиварската епархија при Македонската православна Црква – Охридска Архиепископија.

 

Организатор на Лешочкиот Фолк Фест е Здружението за негување на македонскиот фолклор и традиција „Источник„ а директорите на фестивалот Сузана Спасовска и Борче Брзанов и оваа година се погрижија музичкиот избор да биде на највисоко ниво.

Медиумски покровител на годинешното фестивалско издание е ИН ТВ, додека за текот на програмата како и досега ќе биде задолжена реномираната водителка Ирена Спировска.

 

Инаку, во Лешок се очекува присуство на неколку илјади Македонци од земјава и од дијаспората, кои го слават успението на Пресвета Богородица, а истовремено ги очекуваат и новите фестивалски хитови со лирска, печалбарска и родољубива тематика.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*