Милован, Џеват и Круме со заеднички проект во живо

Милован Секулоски и Џеват Рамаданоски пред извесно време беа на Австралиска турнеја заедно со Наум Петрески. Таму настапуваа заедно со Круме Милески, Охриѓанец кој што живее долги години во Австралија со кого дошле до заедничка идеја да се спојат и да направат проект во живо со добро одбрани македонски песни. Дел од проектот претставија во студиото на ИН Продукција.

Долги години се пријатели, а токму сега ја остварија и нивната желба, да направат заеднички музички проект. Извонредниот глас на Милован Секулоски, звукот на виолината на Џеват Рамаданоски и клавијатурите на Круме Милески, во заеднички спој ја претставуваат надалеку познатата староградска песна. За тоа како дошла идејата, раскажуваат при нивното гостување во ИН ТВ.

-Ние како охриѓани се пронајдовме самите како сродни души во некоја постојана комуникација и така како што напомена Џеват, ние настапуваме во ресторанот „Канео“ во Мелбурн. Тоа е едно прекрасно катче каде што сите македонци може заедно да се дружат и едноставно ја промовираме колку што можеме македонската пред се, староградската песна. Изработивме неколку проекти заедно и на едно наше заедничко видување рековме ајде ќе направиме нешто во живо.-истакна Круме, за естрадниот магазин Естрада плус.

-Покрај другите песни, ги одбравме „Те видов тебе и се заљубив“, една охридска песна која што нема некој што не ја знае, а и од младата популација некои можеби ќе ја слушнат за првпат и ќе ја засакаат. Понатаму, „За кого ти цути Дано лицето“ од нашиот доајен, Добри Ставрески. А преку песните верувам дека ќе го доловиме амбиентот кој што го има во ресторанот „Канео“. Морам да ви признаам, јас кога првпат влегов во ресторанот се чувствував како дома, како во Охрид. Сопствениците успеале да го донесат Охрид во Мелбурн. Во ресторанот има некоја магија.-вели познатиот виолинист Џеват Рамаданоски.

Тие се надеваат дека нивниот проект кој што е отпеан и отсвирен во живо, ќе им се допадне на гледачите и дека јавноста ќе ужива во нивната изведба на старите македонски песни. Инаку, Круме Милески е по потекло од Охрид, но скоро 17 години живее во Австралија. Тој е член на познатите Легато бенд од Мелбурн.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*