Со спектакуларен концерт Гоце Џуклески одбележа 40 години јубилеј

Познатиот виртуоз  на хармоника Гоце Џуклески, со авторско-музичка вечер одбележа јубилеј од 40 години музичко творештво. Атмосферата беше навистина прекрасна, а публиката се забавуваше на сите песни кои што беа изведени од страна на Гоце и неговите музички соработници.

Со спектакуларен концерт, насловен како авторско-музичка вечер со Гоце Џуклески и пријателите, во неговото родно село Лескоец, виртуозот на хармоника Гоце одбележа 40 години успешно музичко творештво. При интервјуто за ИН ТВ, Гоце не го криеше задоволството од реакциите на публиката, кои внимателно го следеа целиот концерт, се забавуваа и со громогласен аплауз ги наградуваа сите песни и учесници.

-Пријатно беше чувството, бидејќи јас одозгора на бината ги гледав реакциите и задоволство ми е, ми се исполни желбата да ги развеселам моите сограѓани од тука каде што ми се корените од каде што потекнувам после 40 години живот и работа во Скопје јас се одлучив тука во Лескоец во домот за култура и за наши рурални услови мислам дека е прекрасна салата и им благодарам на сите оние кои што дојдоа. Мислам дека се забавуваа со моите прекрасни мелодиски линии.-истакна Џуклески.

Покрај неговиот јубилеј од 40 години творештво, маестро Џуклески воедно го прослави и 60-тиот роденден, притоа истакнувајќи дека тука не запира. Веќе подготвува нови музички дела, од кои неколку песни, но и неколку ора.

-Пријатно е чувството и задоволството е големо, навистина 40 години творештво и 60 години живот, мислам дека се два одлични јубилеи. Ако ме послужи здравјте, јас продолжувам и понатаму да творам. Навистина полн сум со енергија за среќа сеуште, имам доста интересни идеи за нови мелодиски линии.-додава тој.

На авторско-музичката вечер свој дел имаа и неговите блиски соработници, Кирил Белистојаноски, Сашо Ливрински, Мирко Вретоски, Ѓоко Дичоски, Екстра бенд од Битола, Наум Џуклески, Мајкл Карадакоски и Владимир Велковски. Секако неизоставен дел од концертот беа и едни од најпознатите пејачки грла на македонската естрада, Милица Кузмановска и Сузана Спасовска.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*