Преполна сала на концертот од Влатко Лозаноски

Во саботата, на 23 март, Лозано го одржа својот долгоочекуван славенички концерт по повод 10 години кариера, а преполната сала во „Борис Трајковски“ докажа дека македонската публика едвај чекаше во еден глас да ги запее хитовите на својот миленик.

Километри“, „Сонце не ме грее“, „Како тебе нема друга“, „Жена како ти“, „Ова лето ќе се памти“, „Мандарина“, „Јако, јако“ и уште многу други рефрени што ја одбележаа досегашната кариера на кичевскиот славеј ечеа во преполната арена, исполнета со слушатели од сите генерации.

Како специјални гости настапија колегите од дуото „Некст тајм“, кои ја воодушевија публиката со „Ја излези Ѓурѓо“, за која уште лани најавија дуетска верзија со Лозано, па токму посетителите на овој спектакуларен концерт имаа можност први да ги слушнат заедно.

Во публиката можеа да се забележат и други музички ѕвезди од македонската сцена, кои дојдоа да го поддржат својот колега, а меѓу нив беа Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Елена Ристеска, како и актерката Весна Петрушевска.

„Немам зборови, ми го наполнивте срцето, ме гушнавте најјако“, рече Влатко споделувајќи дел од атмосферата на овој свој прв голем концерт во организација на „Авалон“, и најави дека нема застанување!

„Ова се само неколку изминати ’Километри’ од тоа што ќе следи од нас, имаме да Ви подариме уште многу љубов и музика што сакаме да ја споделиме со Вас. Се гледаме во следната епизода“,порача тој.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*