Демо снимката за “Starman” од Дејвид Боуви се продаде за 50.000 фунти

Демо снимка од 1971 година за која се смета дека е првата верзија на песната „Starman“ на Дејвид Боуви се продаде на аукција за 50.000 фунти.

На оваа демо снимка може да се слушне како Боуви му кажува на гитаристот Мик Ронсон да не го прекинува снимањето бидејќи песната уште трае.

BBC пишува дека Ронсон оваа снимка му ја дал на неговиот пријател Кевин Хачинсон, кој откако ја преслушал песната, напишал „Проба Дејвид Боуви“ на носачот на звук и го оставил на таван.

На истата демо снимка ги има и песните „Moonage Daydream“ и „Hang Onto Yourself“.

„Кога прв пат ја слушнав песната помислив дека е многу добра. Не мислев дека е фантастична. Кога имате шеснаесет години малку работи може да ве импресионираат“, рече Хачинсон.

Демото го чувал сите овие години, а денес мисли дека песната е феноменална. За снимката го потсетила неговата сопруга Клер на која порано ѝ раскажувал дека се дружел со Ронсон.

Демото беше ставено на продажба преку аукциската куќа Omega, а се проценуваше дека ќе достигне цена од 10.000 фунти.

Ден Хемпсон од Omega изјави дека е голема веројатноста ова да е првата снимка на песната „Starman“ воопшто.

„Има многу митови за творештвото на Дејвид Боуви, а овој сиров материјал покажува како изгледал креативниот процес на еден гениј“, рече тој.

Песната „Starman“ се најде на албумот „Ziggy Stardust“ објавен во 1972 година и тоа беше албумот со кој се прослави Боуви.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*