„Ту челос“ се распаѓаат

Најславното дуо на виолончело на светот „Ту челос“ последните години проживува кулминација на популарноста. Но, многубројните обврски со себе донеле и несакани последици, па музичарите одлучиле да се разделат извесно време.

Лука Шулиќ и Стјепан Хаусер подготвија нов албум, а истовремено одлучија извесно време да се разидат како „Ту челос“, пишува „Јутарњи.хр“.

Тоа го открил Стјепан во разговорот за РТЛ велејќи дека дошло време за пауза:

„Тоа беше лудо. Животот, ритамот и темпото беа убиствени. Навистина претеравме. 200 летови годишно, константно концерти, патувања по сите континенти, снимања… Едноставно мораме да се тргнеме од тоа. Ќе им се посветиме на некои други нешта во животот, ќе направиме здрава пауза, ќе рекапитулираме сè во главата и кога ќе дојдеме при себе, ако дојдеме при себе, можеме да одиме понатаму.“

Имајќи предвид дека издадоа нов албум и напишаа две авторски песни, ги чека австралиска и американска турнеја, а потоа – пауза.

Стјепан открил дека планира да продолжи и во самостојни води. Особено му значел настапот во родната Пула:

„Последните осум години исклучиво свирам како „Ту челос“ и вака да се излезе од тоа, воопшто да се осмелам сам да свирам во Арената со класична музика, беше луд потег, но јас сум луд во главата и сакам да ризикувам. Баш сум горд на себе. Лука Шулиќ, од друга страна, ќе му се посвети на семејството. Пред една година тој и сопругата Тамара станаа првпат родители на малиот Вал. Лука не крие колку му значи семејството, па на Инстаграм, освен професионалните објави, често уфрлува и некоја од секојдневниот, семеен живот, а центарот на светот несомнено во моментот е Вал.

Стјепан во такво опкружување сè уште не се гледа.

– Некако не се гледам во тоа, засега никако, можеби за 20 години ќе станам традиционален човек. Барам некој кој тоа го разбира, ако таа жена е подготвена да расте со мене во сè, ако е свесна колку сето ова во светот е лажно и ако е подготвена да расте со мене, тогаш имаме за што да зборуваме – рекол Стјепан за РТЛ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*