
„Некои работи во животот се стекнуваат од раѓање, некои ги создаваме ние во текот на нашите животи. Најзначајни се оние кои што ќе ги создадете сами и успешно ќе опстојуваат во текот на годините“. Со оваа убава порака посветена до сите членови и љубители на македонскиот фолклор, фолклорниот ансамбл „Седенка„ од Булачани – Скопско,го одбележа својот 4-ти роденден.
Ф.А. „Седенка“ со сплотеност како заедничко семејство, го негуваат нашиот фолклор насекаде, а Роберт Ангеловски и Ивана Чаловска се најголемите ентузијасти, кои веруваат во својата желба и ја претворија во стварност, во која денес уживаат голем број играорци и љубители на традиционалниот македонски фолклор.
–Ф.А. Седенка досега оствари соработка со бројни фолклорни организации во земјата,зема учество на повеќе културно – уметнички проекти, реализираше три самостојни годишни концерти, зема учество на меѓународни фолклорни фестивали во Босна и Херцеговина, Р. Хрватска, Србија, Р. Бугарија, Р.Црна Гора како и фестивали и проекти во нашата држава од меѓународен карактер. Особено сме присутни на локалните манифестации со одреден повод, каде што со нашите настапи ја збогатуваме програмата, а воедно и ја прикажуваме нашата дејност пред локалното население што е од огромно значење за нас како релативно нов Ансамбл, вели Роберт, и додава:
–Ансамблот моментално брои околу 100 членови кои се распоредени во 4 групи според возраста. Член може да стане секој што има желба да навлезе во водите на традицијата и има полни 5 години возраст. Членството може да се оствари во Септември или Јануари кога се предвидени Септемвриски и Јануарски уписи.
Во рамките на Ансамблот функционираат играчка, пејачка и инструментална секција. Нивните врати се отворени, не само за вљубеници во традиционалното оро, туку и за оние кои би сакале да се запознаат со изворното пеење или пак некој од народните/ изворните инструменти.
Leave a Reply