Започнува 25-тото јубилејно издание на “Охрид фест”

Денеска во Охрид, со песните создадени во духот на македонскиот фолклор ќе започне 25. јубилејно издание на меѓународниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“. Во официјалната програма

се наоѓаат 20 песни кои ќе ги исполнат познатите македонски интерпретатори:  Благица Павловска, Кате и „Нели ти реков“, „Скопски боеми“, „Молика уан“, Милован Секулоски, Зоран Марковски и Мерима Његомир, а своја шоу-програма (додека траат гласањата на жиријата) ќе има Нада Обриќ.

Наредниот ден, в петок, фестивалот продолжува со националниот избор за најдобра поп–композиција. На  оваа вечер 18 нови песни од македонски автори ќе исполнат: Симеон Коруноски, Горан Наумовски, Дует ЧОКИ, Жармена, Денис Димоски, трио „Џентлмен“, Лени Партикова, Огнен Здравковски, Зои Блаж, Пепа Димовска, Филип Јордановски, Лена… Во паузата од фестивалот свој рецитал од песни за љубовта (автори Александар Митевски и Григор Копров) ќе има познатиот бизнисмен и љубител на музиката Трифун Костовски.

Со  голем интерес  се очекува интернационалната вечер, на која покрај наградените песни од поп-вечерта, во борбата за награди ќе учествуваат и познати пејачи од балканските земји, како што се: Пантелис Кастанидис (Грција), групите „Балканика“ (Србија)  и „Колонија“ (Хрватска), Ален Исламовиќ (БиХ), Дарија Швајгер (Словенија), Дениса Мерсини (Албанија), Божидара Симеонова (Бугарија)

Водители на поп и интернационалната вечер ќе бидат Марјана Станојковска и Васил Зафирчев.

„Мислам  дека фолк-вечерта ќе биде една од подобрите изданија на досегашните фестивали. Има прекрасни  песни кои ги запазуваат карактеристиките на македонскио  фолклор, стилски  се различни, но со добри интерпретации“, вели Цане Петров, уметнички директор на фолк-вечерта.

Македонската телевизија ќе врши директен пренос на фолк, поп и интернационалната вечер, а јубилејното 25. издание на фестивалот „Охрид-фест – Охридски трубадури“, покрај гледачите од Македонија, ќе можат да го проследат и љубителите на музиката од Бугарија, Босна и  Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Србија и  гледачите од целиот свет преку сателитските канали на Македонската телевизија и австралиската ИНТВ.

Be the first to comment

Leave a comment

Your email address will not be published.


*