“Еј девојче од мојата мала” е отскочна даска на Оркестар Маестрал

Оркестар Маестрал од Битола се најпрепознатливи по нивната прва песна и голем хит “Еј девојче од мојата мала”. Од Оркестарот откриваат дека иницијатор за оваа песна бил нивниот вокал, Иле. Меѓудругото тие ни раскажаа и како опстојуваат на сцената во сите овие години.

Познатиот хит “Еј девојче од мојата мала” е прва песна и отскочна даска на Оркестар Маестрал од Битола. Во емисијата Промо, од Оркестарот ни ја раскажаа приказната околу настанувањето на оваа песна.

-Таа е отскочна даска и најпрепознатлива песна од нашите почетоци. Иницијатор и автор за песната е Иле, нашиот вокал. После извесно време го снимивме спотот, аудио снимката веќе одеше по радио станиците. Тогаш беше изненадувачки, но навистина добивме голема популарност со таа песна. Веднаш потоа настана соработката со Ване Петкоски и снимивме спот за таа песна, па сето тоа си има своја историја понатаму и препознатливост.-истакна гитаристот, Александар.

Оваа песна сеуште живее меѓу народот и ден-денес е доста слушана и барана од публиката на семејните прослави.

Рубин, еден од членовите, ни ја открива тајната за нивното опстојување во сите овие 30 години на македонската естрада.

-Кога искрено се почитуваш со колегите, мислам дека нема никакви проблеми. Се дружиме и си живееме фамилијарно, досега добро се согласуваме. Некогаш излегувале некои мали ситници, каде што некој има еден став, друг има друг став меѓутоа со разбирање и со другарство се победува се.-вели тој.

Според Рубин, публиката има голема улога во нивното опстојување на сцената, бидејќи од нив ја имаат најголемата поддршка.

Be the first to comment

Leave a comment

Your email address will not be published.


*