Џеј Ло е добитничка на наградата „Мајкл Џексон видео вангард“

Џенифер Лопез е годинешната добитничка на најпосакуваната статуетка на јубилејното, 35. по ред доделување на наградите за најдобри видеа на Ем-ти-ви, кое ќе се одржи на 20 август во „Рејдио сити мјузик хол“ во Њујорк.

Станува збор за признанието „Мајкл Џексон видео вангард“, кое се доделува од самиот почеток на манифестацијата во 1984 година, првично како „Видео вангард“, а во 1991 година беше преименувана во чест на кралот на поп-музиката.

Наградата не се доделува секоја година, а во одредени години беше претставувана како награда за животно дело. Покрај самите изведувачи, наградата ја добивале и режисери што режирале некои од најпознатите видеа емитувани на музичкиот канал. Првите добитници на наградата во 1984 беа Дејвид Боуви, „Битлси“ и режисерот Ричард Лестер, а меѓу наградени уметници досега се и Ријана, Бијонсе, Канје Вест, Џастин Тимберлејк, Мадона, „Бисти бојс“, Џенет Џексон, Џорџ Мајкл, минатогодишната добитничка Пинк и, секако, Мајкл Џексон.

Џеј Ло, која исто така ќе има и свој настап на претстојната манифестација, со добивањето на оваа награда прославува и речиси 2 децении исполнети со хитови, започнувајќи од мегахитот „If You Had My Love“ во 1999 сè до актуелниот „El Anillo“. Нејзината богата видеографија е составена од бројни визуелни ремек-дела, вклучувајќи ги „Waiting For Tonight“, „Jenny From The Block“, „Get Right“ и многу други.

Be the first to comment

Leave a comment

Your email address will not be published.


*