Анета од групата Молика засега најсериозен кандидат за преставник на Евровизија!

Вчера беше последниот ден од Конкурсот на МРТ за избор на песна за „Евровизија 2018“ која ќе се одржува во мај (8., 10. и 12.) во Лисабон, Португалија. Како последична реакција на победата на Салвадор Собрал со „Amar pelos dois”,минатата година во Украина.

И’, нормално вчера македонските автори беа „во гужва“ – се’ да спакуваат и на време да испратат во МРТ.
Разговаравме со Григор Копров кој ни потврди дека испратил песна која е наменски работена за Анета од „Молика“. И, со тоа е ставен крај на сите погрешни толкувања за евентуалното учество на оваа извонредна пејачка на „Песна на Евровизија“. Иако во медиумите се појавија различни „сигурни“ информации дека Анета сигурно ќе оди во Португалија, вистината се потврди. Од „Молика“ своевремено ни рекоа дека имаат амбиции Анета да пее на ’Евросонгот’, но само ако има конкурс и доколку песната која е наменета за неа биде примена од МРТ“. И’, работите се случуваат токму така.

Од друга страна Владимир Дојчиновски ни рече дека има „удел“ во неколку проекти кои се испратени на конкурсот за Песна на Евровизија, а испратил и една негова песна.
И’, Ристо Самарџиев ќе учествува на конкурсот:
„Испратив песна, па ќе видиме. Наше е само да испратиме песна, а која ќе ја изберат ќе видиме. Потоа МРТ избира изведувач кој ќе ја исполни таа песна“ ни рече Ристо Самарџиев.

Неколку песни, како што ни кажа, испратил и Александар Масевски, авторот кој последните неколку години редовно не претставува на „Јуниор Евровизија“…
„Многу е важно која песна ќе биде избрана, а потоа и кој ќе биде изведувачот. Тоа е специфичен музички настан и треба да се внимава со што се оди, иако понекогаш трендовите и не се толку важни во конечниот пласман“…

Апсолутизам
Од конкурсот на МРТ е јасно дека од куќата ќе одредат кој изведувач ќе не претставува. Со денови се обидувавме да стапиме во контакт со Мери Попова, одговорната во МРТ за овој избор, но неуспешно – не се јавува на телефон ниту пак одговара на пораки. Но кога се’ ќе биде завршено сигурно ќе се појави и ќе ни каже што треба…
Авторите пак и се’ и не се загрижени околу изборот на изведувачите. Сите сметаат и се надеваат дека МРТ ќе има доблест да разговара со авторот чија песна ќе биде избрана да учествува на „Песна на Евровизија“, и со него да се договори околу изведувачот.Пред се поради тоа што секој автор кога пишува песна си има визија кој тоа најдобро би го донел.
Иако во конкурсот стриктно стои дека изведувачот го избира МРТ се наметнуават неколку прашања.
Зошто таинственост
МРТ одамна нема сили за организирање на фестивал на кој ќе се избира македонскиот претставник за „Песна на Евровизија“, но ниту овој начин не е трансарентен и коректен. Жири комисија (позната на МРТ) ќе ги избира песните. Ако станува збор за државен интерес се’ треба да биде транспарентно и јасно.
Кое е жирито кое ќе ја избира песната?
Кои се изведувачите или изведувачот за кого се избира песна? Кога авторите тоа би го знаеле можеби би напишале и посоодветени дела – бидејќи би пишувале за изведувач што го знаат, ги познаваат гласовните можности…
Од друга страна нема информација кога ќе бидат објавени резултатите од изборот на песна.
Времето бргу минува а очигледно е дека во МРТ имаат се’ испланирано. Според официјалната веб страница на „Евровизија 2018“ секоја земја својот претставник треба да го „пријави“ најдоцна до средината на март. Тоа пак значи дека од МРТ за еден месец (нешто повеќе од 30. дена) ќе треба да изберат песна, потоа изведувач, па екипа која ќе го работи видео спотот кој ќе биде испратен во ЕБУ…Многу работа за еден месец, или пак на МРТ се’ и веќе подготвено и им требаше форма за сето тоа да го спроведат.
Искрено, се надеваме дека не сме во право и дека МРТ конечно ќе се покаже како професионална куќа која умее да ги решава работите на високо ниво.

Г.Оџакова

Насловна

Be the first to comment

Leave a comment

Your email address will not be published.


*